facebook    instagram  | +389 75 845 711  +389 79 407 123 |  orbita_info@yahoo.com | пон - пет:  09:00 - 19:00   саб: 09:00 - 15:00                           Блог   Услови   За Нас   Контакт

ЗАНЗИБАР - ТАНЗАНИЈА

На само 6° јужно од екваторот, долж источниот брег на Африка, се наоѓа тропскиот остров Занзибар - скапоцениот камен на Индискиот океан, архипелаг со турбулентно минато и богата историја, култура и традиција; недопрени бели песочни плажи со многу сонце; раскошни природни богатства со ретки и егзотични видови на флора и фауна; вкусни свахили јадења; прекрасни, гостопримливи и насмеани луѓе. 

Кога ќе стапнете на тлото на Занзибар, ќе добиете необично чувство како да сте се вратиле во минатото, во земјата каде што стотици години се одвивала трговијата со зачините - ванила, морско оревче, цимет и шафран, земја во која чекореле многу трговци од далечната Европа, Блискиот Исток, Кина и Индија.  Занзибар е остров кој често бил цел на различни освојувачи низ историјата што придонело за обликување на културните вкусови на островот.  Па така, влијанијата на персиската, арапската, португалската и британската култура се евидентни. 

Занзибар отсекогаш претставувал спој на мистерија и егзотика, што најдобро може да се почувствува во главниот и единствен град на островот - Стоун Таун (Stone Town). Овој град многу малку се променил во последните 200 години, а поради мноштвото фасцинантни градби кои го красат, УНЕСКО го заштити како дел од светското културно наследство. Безброј испреплетени тесни улички; хаотични пазари каде што можете да пробате локални специјалитети од морска храна и да купите автентични рачно изработени сувенири или пак да уживате во мирисите на зачините; мноштво џамии, големи арапски куќи со раскошни дрвени врати, британски колонијални палати...  А штом излезете од градот.... следи нова авантура, сосема поинаков начин на живот.

Заборавете на сè што сте чуле или сте мислеле дека знаете за Занзибар и изгубете се во свет каде што Хакуна Матата е главното животно мото, појдете на патување кое ќе ви понуди незаборавно искуство и магијата на тропскиот рај.

КЛИМА
Со оглед на тропската поставеност, Занзибар е идеална дестинација за одмор во текот на целата година. Просечните дневни максимуми се движат од 28°C до 33°C, додека ноќните температури се окулу 20°C. Дождовниот период (ниска сезона) трае од Март до Јуни, кога е период на монсунските дождови и голема влажност на воздухот, но краткотрајните тропски дождови можат да се појават во секое време од годината.

ПЛАЖИ
Занзибар изобилува со прекрасни плажи од ситен бел песок. Водите на Индискиот Океан се чисти, топли и пријатни во текот на целата година, но на многу места има изразена осцилација на воденото ниво - плима и осека. Најпознатите и меѓу најдобрите плажи се наоѓаат на северниот дел од островот - тоа се Нунгви (Nungwi) и Кендва (Kendwa). Особено атрактивни се бидејќи се заштитени од силен ветар, а плимите и осеките се многу мали, поради што се пријатни за капење.
Источниот дел од островот исто така има неколку одлични плажи за капење, сончање, ужевање, сликање. Меѓу нив би ги издвоиле плажата Паџе (Paje), Мичамви (Michamwi), Џамбиани (Jambiani)... Иако има ветар и осцилациите плима-осека се поизразени, овие плажи се многу помирни, без гужви и бучава, чисти и совршени за релаксиран тропски одмор во сместувачки капацитети со поприфатливи цени. 

ВИЗА
За влез во Занзибар (Танзанија) на лица со валидни македонски пасоши потребна е виза која се вади лесно на лице место при пристигнување на нивниот аеродром. Потребно е да се пополни формулар, да се приложи фотографија на бела позадина (3,5 х 4,5) и да се плати износ од окулу 50$ на одговорните служби на аеродромот. 

ВАКЦИНИ
Специфична вакцинација за влез на Занзибар не е потребна ниту задолжителна. 

Орбита располага со обемна понуда за Занзибар, избор на хотели од буџет до делукс категорија и можност за организација на факултативни разгледи и екскурзии. Ве молиме контактирајте не за да подготвиме персонализирана предлог понуда за Вашето патување. 

 

Јавете се

+389 75 845 711

+389 79 407 123

Понеделник - Петок

09:00 - 19:00 ч.

Сабота

09:00 - 15:00 ч.