Сараево е најголемиот и главниот град на Босна, град на контрасти и различности кој нуди за секого по нешто.
По неговите улици може да се видат и цркви и џамии, и модерни трговски центри, и стари рушевини кои сведочат за војната во Босна. Луѓето кои патуваат во Сараево немаат преголеми очекувања за градот, па можеби тоа е главната причина што овој град секогаш изненадува.
Ако планирате да го посетите, еве што можете да правите додека сте таму:
Прошетајте низ Башчаршија
Старата турска чаршија која датира од 15-от век, Башчаршија е срцето на Сараево. Таму ќе ги видите главните знаменитости на градот, пазарот и џамијата Гази Хусрев Бег. Не заборавајте да си купите сувенири од пазарот.
Погледнете го градот од поинаква перспектива
Задолжително на листата е калето во Сараево, Жолта табија кое нуди прекрасен поглед на градот од горе. Ќе ги видите интересните куќи изградени во Австро-унгарски стил и течението на познатата река Миљацка низ градот.
Одете на планинарска тура
Туристите кои го посетиле Сараево велат дека планинските и ридски тури во градот се едни од најдобрите на светот. Патеката Виа Динарица на Динарските Алпи е една од најубавите планински патеки во Европа, добро обележана и организирана и опкружена со бујна вегетација.
Посетете го мостот каде почнала Првата Светска Војна
Уште една историско место во Сараево е Латинскиот мост на реката Миљацка, кој ги поврзува стариот град со населбата Скендерија. Во малиот музеј кој се наоѓа на северната страна на мостот е раскажана приказната за убиството Франц Фердинанд од страна на Гаврило Принцип – настан кој го означил почетокот на Првата Светска Војна.
Посетете го паркот Хастахана
Скејтерската култура кај младите е мошне развиена во Сараево. Во паркот Хастахана секогаш е преполно со луѓе, и преку ден, и навечер. Во 2005-тата во овој парк беше поставена модерна скулптура од Германскиот уметник Херман Луц која дополнително го збогатува уметничкиот дух на градот.
Посетете ја Олимписката патека
Патеката за боб на планината Требевиќ била изградена за Зимските олимписки игри кои се одржаа во Сараево во 1984 година. Денес е прилично запуштена и нацртана со графити, а ја користат моторџии и велосипедисти.
Посетете го Кино Босна
Гледањето на филм во Кино Босна во минатото било уникатно искуство. Во ова кино, пред војната се гледале Холивудски филмови, па дури и порно филмови. Денес, киното е претворено во бар со постери од филмови, а често се организираат и живи свирки.
Посетете го Сараевскиот воен тунел
Воениот тунел или Тунелот на спасот во Сараево бил изграден за време на опсадата на градот во 1993 година. Претставува подземен тунел долг 800 метри преку кој луѓето бегале од градот.
Посетете традиционален Сараевски ресторан
Храната во Сараево е уште причина да го посетите главниот град на Босна. Задолжително пробајте сараевски бурек и ќебапи, турско кафе подготвено на автентичен начин и чаша ракија.