facebook    instagram  +389 75 845 711   +389 48 413 165   orbita_info@yahoo.com                                                                                                                   Блог   Услови   За Нас   Контакт

Крф – краток туристички водич

Островот Крф се опишува како бисер на Јонското море, а се наоѓа на врвот на листата на најубавите грчки острови. Факт: со својата понуда им угодува и на најпребирливите хедонисти. 

Ова го препознал и писателот Lawrence Durrell, кој по обиколката на сите грчки острови, своите искуства и впечатоци ги преточил во книгата “Greek islands” и се населил да живее токму на Крф. Тоа го знаела и австриската принцеза Елизабета која на островот изградила летна резиденција позната како Achillion, која денес спаѓа во задолжителна атракција за туристичка посета. До почетокот на 20-тите години, Крф бил центар за посета на европската аристократска елита. Како пример за тоа е и прекрасната летна вила на семејството Ротшилд.

Крф Блог

Островот се смета и за најзелен остров – каде и да погледнете ќе видите лимонови дрвја, портокали, разни видови на зимзелени, како и огромни маслинови дрвја. Интересен е податокот дека Млечаните, под кој Крф бил 4 века, им понудиле на жителите на островот значителен број на култивирани стебла кои во следните 100 години прераснале во големо поле на маслинки.

Островското зеленило се рефлектира на околното море. Ќе бидете воодушевени од неговата боја и проѕирност. На крај, разновидноста и убавината на плажите се најголем адут на овој остров, и тоа со право, покрај убавината на самиот град Крф. Источната страна на островот, свртена кон копното на Грција, изобилува со убави заливи со плажи со ситни камчиња над кои се издигнуваат борови. Љубителите на долги, песочни плажи, ќе ги најдат токму таквите на западната страна на островот на отворено море. И секој ден, во текот на престојот да одите на различна плажа, нема да погрешите. Напротив. Ќе го доживеете најубавото на Медитеранот.

Крф Блог

За најпопуларни плажи се сметаат Глифада, Гиалискари, Ермонес, Ипсос, Дасија, Барбати, како и плажите околу Палеокастрица. Над ова место се наоѓа рид, од кој се отвора поглед на заливот како и на отворено море од кое застанува здивот. Касиопи е уште едно сликовито местенце на северот, полно со таверни, рибни ресторани, барови со одлична понуда. На северната страна се наоѓа и каналот на љубовта, прекрасни, од ветер извајани пештери и карпи како најсовршено уметничко дело.

Крф Блог

Бисер на круната на овој остров е секако истоимениот град – Крф. Во него, доминираат тврдини, стара и нова, кои со векови го штителе градот од освојувачи. Очигледно е венецијанското архитектонско влијание – тесни поплочени улици, мали плоштади, балкони, прекрасни градби, музеи, модерни продавници и кафулиња. Сето ова му дава неодолив шарм. Прошетката започнете ја со плоштадот Спинада, на чија западна страна се наоѓа аркаден низ, сличен на парискиот Rue de Rivoli. Теренот за голф од спротива, е сведоштво за долгогодишната доминација на британците, се до припаѓање на островот на модерна Грција, во 1864г. Британците, покрај Италијаните и ден денес негуваат љубов кон Крф и како туристи се присутни во голем број. Стариот дел на Крф во 2007 година добил заштита од Унеско, како културно наследство.

Крф Блог
 

Јавете се

+389 75 845 711

Понеделник - Петок

09:00 - 19:00 ч.